Почит кон вредностите кои не смееме да ги заборавиме

Интервју на Дијана Томиќ Радевска

Во фаза на подготовка е голема изложба со наслов ,,Во пет и седумнаесет”, инспирирана од истоимениот текст на Ацо Шопов, а ќе се отвори по повод 60 години од скопскиот земјотрес и 100 години од раѓањето на Шопов… За кога е предвидено отворањето и каде?

Замислата и идејата полека ја водиме кон својата реализација. Отворањето е закажано за 3 јули, на почетокот од програмските активности на Скопско лето. КИЦ ќе биде домаќин за Отворањето, а од таму е почетокот на движењето кон другите локации на градот, каде ќе бидат поставени повеќе уметници. ДЛУМ побара соработка од повеќе институции, галерии, градски локации, а сакавме тоа да биде движење низ градот поттикнато од уметност како повеќе пати организираните ,,Скопски урбани приказни”, но овој пат нема да трае само еден ден туку една недела. Од 3 јули до 9 јули.

– Како дојдовте на идеја како кураторка за една ваква поставка? 

Ми останале како сеќавање некои изложби кои сум ги посетила кога сум патувала во други градови, организирани како почит кон некое минато на градот, или пак на значајна личност од културата на тој град. Дали ние знаеме тоа да го направиме? Го препрочитав неколку пати минатата година текстот на Ацо Шопов ,,Во пет и седумнаесет”, кој го имавме подзаборавено. Ми се чинеше дека мора да излезе повторно во креативна визуелизација. Што би направила јас? Се прашував, размислував. Како ова самата би го забележала како визуелен и мултимедијален уметник? Убедена бев дека е подобро да се соберат повеќе уметници колеги да размислуваат на темата и така да му оддадеме почит на поетот и на нашиот град. Мислам дека има многу уметници кои сакаат да зборуваат за градот, загрижени се, реагираат низ свои дела и активности, некои млади генерации сакаат повеќе да научат за текот на историјата на градот. Така ми се оформи идејата и конструкцијата за изложбата.

Минатата 2022 година, го предложив проектот пред Уметничкиот совет и Управниот одбор на ДЛУМ, а колегите го прифатија. Оваа изложба влегува во програмските активности на ДЛУМ, а програмата е поддржана и од Министерство за култура. Иако мојот мандат како претседател на Уметничкиот совет се заврши, сепак, како носител на идејата, го добив предлогот од колегите за правото на кураторството на овој проект. Тоа значи, избор на уметници, соработка со нив, посочување на материјалите, обезбедување на простор и поставување, кураторски текст, медиумска покриеност, дизајнерска поддршка, т.е. дизајн и печатење на каталог.

Јас не учествувам, но ќе се посветам на другите уметници, соработката во текот на работата е многу битен, се грижам да добијат соодветен простор за нивните визуелни  одговори. Така се охрабрив и се фрлив на работа. Се поклопуваат двата јубилеја оваа 2023, 100 години од раѓањето на Ацо Шопов и 60 години од скопскиот земјотрес.

– Кои уметници ќе бидат вклучени со свое дело и каков е концептот на изложбата? 

Поканети се уметници кои можеби никогаш не биле во ваков состав, но мислам дека е битно да бидат вклучени уметници од разни генерации, со веќе познати имиња вклучувам и млади нови генерации на уметници, знаејќи го нивниот афинитет и начин на работа, а и таа размена на искуства и енергии мислам дека е многу битна. Ќе ви ги откријам имињата. Им благодарам што ја прифатија поканата на Марина Лешкова, Жанета Вангели, Иванчо Талевски, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марија Сотировска, Маја Кировска, Вана Урошевиќ, Соња Димовска, Тања Таневска, Ива Станковска, Душан Стефановски, Кристијан Јовановски, Игор Сековски, Ѓорѓе Јовановиќ, Драганчо Таневски, Борче Богоевски, Славица Јанешлиева, Маја Стефановска, Нина Гештаковска, Дејан Иванов, Ѓорѓи Динев, Стефан Јакимовски.

– Изложбата ќе се реализира на повеќе локации низ Скопје, може ли да ни кажете на кои објкети падна изборот и како тие ќе кореспондираат со концептот на поставката? 

Навистина е тешко да се вклопат сите посакувани локации. Со повеќето имавме добар прием на идејата и желба за соработката, но некои се затворени за соработка. Им се заблагодаруваме на Скопско лето, Францускиот културен центар, КИЦ Скопје, приватната галерија ГРАЛ, ресторанот Пелистер кои веднаш ја прифатија соработката, добивме термин (во усогласеност со Скопско лето) во нивната програма и техничка помош за некои проекти иако сите кубуриме со финансии, ете, си помагаме. Културно информативниот центар ни даде гостопримство да се сместиме со дел од уметниците во малата галерија и самиот парк, па така, отворањето би почнало од таму.

За движењето ќе подготвиме мапа на движење. КИЦ, ИФЦ, галерија ГРАЛ, Пелистер. Можеби ќе обезбедиме попатно уште некои излог простори, но сеуште сме во работа. Жал ми е што Музејот на град Скопје, не нè сфати сериозно, низ современите текови на уметноста да ја одбележиме историја. А таа зграда е најјакиот симбол на ,,5 и 17”.

–  Дали текстот на Шопов, кој почнува со зборовите „на дваесетишести јули илјададеветстотинишеесетитрета, во пет и седумнаесет, загина градот на Вардар“ е директна инспирација за делата на уметниците?

Овој материјал им е даден на уметниците за размисла, текстот од Ацо Шопов е толку снажен и ќе биде поставен на повеќето точки низ градот. Секако дека имаат на располагање и други материјали кои ќе кореспондираат со оваа тема. Овој текст бил прочитан во минатото во повеќето земји на Југословенските простори, а и во земји од каде ќе дојде до нас таа солидарна емпатија. Не смееме да го заборавиме овој запис, овој текст. Ние таа солидарност знаеме да ја покажеме, но заборавивме да ја испочитуваме во оваа современост.

–   Шопов во текстот повикува : „Поети, мајстори на зборот, архитекти на човечноста и солидарноста, исковете нови зборови за поимите на разбирањето и љубовта, помошта и братството, единството на човечките интереси, животот без страв и катастрофи“. Дали можеби ова е повикот што сега им го упатувате на ликовните уметници, да „исковаат“ нови дела за  љубовта, помошта, братството….?

Уметноста опоменува, уметниците учествуваат во подигањето на критичката мисла, ја имаат можноста визуелно да ја шират емпатијата кон својот град, љубовта кон своите сонародници, а тоа треба да се забележи, да се впие, да се испочитува. Уметноста е секогаш повик кон подобро разбирање, борба за човековите права, дури, е вресок кон сите, да бидеме подобри.

,,Треба да бидеме подобри”, така вели и Ацо Шопов.

Скопскиот земјотрес повторно е преживеан и во песните „Грозомор”, „Август”, „Тажачка од онаа страна на животот” на Шопов…  Дали и овие песни, покрај погоре споменатиот текст, се подлога за творење на уметниците? 

Секако дека им беше понуден поголем материјал од творештвото на Ацо Шопов, и ,,Тажачка од онаа страна на животот” и автографи од поетот, а на располагање им е богата веб страна каде самите можат да истражуваат. Но, тоа истражување и комплексни проекти бараат и поголем буџет, што не можеме да им го понудиме на уметниците. Тоа е таа љубов кон својата професија и вложувањето во себе. Оваа година е значаен јубилеј за чествување на творештвото на Ацо Шопов и нека ова биде изразување на почит кон вредностите кои не смееме да ги заборавиме.

– „Зашто овој град не се ни улиците ни плоштадите, липите и црвените каранфили, парковите и гулабите, кулите убави или грди, линиите на старата и новата архитектура што ја сече оваа Вардар река како човечка вододелница, како две страници од историјата…“ вака пишува Шопов. А што велите вие, што е овој град, што го сочинува овој град? 

Ако го продолжиме зборот на Шопов ќе кажам -тоа е човекот-, оној скромен тивок човек би рекла, кој го губи гласот, останува нем пред вревата на небитниците. За мене овој град ја изгуби целината на пристоен град. Ги сакам некои маалски катчиња кои се борат да останат автентични, не само во смисла на старото, но автентични по духот што го носеле, се борат да останат чисти, во вистинска смисла на зборот. А мирисот на липите, врбите кои се синоним за опстанок и повторно раѓање, свежината на парковите, и ова небо, се мој дом. Се чини пролетните дождови кој го зголемуваат нашиот Вардар како да ги зголемуваат двете страни од историјата.

Дали настанот е дел од националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот, или е самостојна иницијатива?

Ова е иницијатива на Друштвото на ликовните уметници, ДЛУМ, како дел од годишната програма на изложбени активности. ДЛУМ брои маркантна бројка на членови. За сите нив, управните тела и уметничкиот совет се трудат да направат програма која ќе понуди интересни теми, низ различни медиуми и поставки. Овие два јубилеја ќе се бележат цела година, на различни манифестации, а чест ни е што и ние ќе бидеме дел од ова историско сеќавање. За ова добивме поддршка од Министерството за култура.

Ве покануваме да бидете на 3 јули во 5 и 17 попладне со нас и да прошетаме низ градот до овие дестинации.
________________
Разговорот е објавен во СкопјеКулт, бр 007, 2023.