Кон најраното поетско творештво на Ацо Шопов*
− Некои нови сознанија за животот и делото на овој наш поет
Владимир Шопов
Првите поетски објави на Ацо Шопов нашата македонска книжевна историографија ги лоцира, доста несигурно, во 1938-1939 година. Во студијата „Македонскиот стих“, книга 2, стр. 153, Блаже Ристовски го објавува следното: „Првите стихови (на српски јазик) ги напишува во 1938-1939 год. и објавува во гимназискиот ѕиден весник“. Истата констатација ја среќаваме и во студијата „Пројави и профили“ што овој наш еминентен историчар на нашата книжевност ја објави во 1982 год., две години по објавувањето на „Македонскиот стих“.
Од каде произлегува оваа непрецизност во временското утврдување на првите поетски обиди и објави на Ацо Шопов? Тоа се должи, пред сè, на фактот што нашата книжевна историсграфија, во случајот на Ацо Шопов, за основен извор ги земаше изјавите на самиот Шопов, како и изјавите на некои негови соученици од предвоената штипска реална гимназија. Од друга страна, досега не беа познати ракописи од тој најран творечки период на нашиот поет.
Сега меѓутоа, кога Архивот на Македонската академија на науките и уметностите располага и со оној дел од ракописната оставина на Ацо Шопов што ги опфаќа и неговите најрани поетски објави, можеме со сигурност да соопштиме дека првата песна ја напишал неколку дена по неговиот четиринаесетти роденден, поточно, на 30 декември 1937 година. За ова прецизно утврдување на поетскиот „старт“ на нашиот поет, најмногу му должиме на самиот Ацо Шопов, бидејќи тој, најголемиот број од неговите најрани песни, ревносно ги проследувал со датата на нивното запишување. Можеби Шопов пишувал песни и пред 30 декември 1937 година, меѓутоа такви нема меѓу најраните поетски ракописи со кои располагаме. Сепак, имајќи ја на ум возраста на младиот Шопов во времето кога ја запишал неговата прва песна, (Ацо Шопов е роден на 20. XII. 1923 год.), претпоставката дека постојат и други, создадени пред 30 декември 1937 година, тешко дека може да има реална основа.
Најголемиот дел од најраните песни, Ацо Шопов ги запишал во една тетратка, (Свеска за писмене саставе, својина Ал. Ћ. Шоповића − ІІІ-а р. гим. Штип), со формат 16-20,5 см., во која на тринаесет листови се содржани седумнаесет песни и два куси раскази („Разделба“ и „Чичко Перо“). Девет песни се запишани на шест неповрзани листови со формат 17-21,5 см., пет песни се наоѓаат на четири делумно поврзани листови со формат 11-17,5 см., една песна е запишана на одделен лист со формат 11,5-15,5 см., исто како и единствената песна во машинопис, која се наоѓа напечатена на одделен канцелариски А4 формат.
Тетратката за писмени состави содржи најголем број песни (17) и сите тие се напишани во 1937 и 1938 год. На шесте неповрзани листови, каде што се наоѓаат девет песни, фигурираат годините 1939 и 1940, додека петте песни запишани на четирите делумно поврзани листови и двете песни што се наоѓаат на одделни листови, не се датирани. Сепак, и за овие недатирани песни, со сигурност може да се тврди дека се напишани во учебната 1939/1940 година.
Сите песни од најраниот период на Ацо Шопов, со кои располагаме, се напишани на српски јазик. Но, очигледно е дека ги пишувал Македонец. Така, песната „Пролетен разговор“, младиот поет на „српски“ ја озаглавил како „Пролетни разговор“! Има во овие песни и други примери на „помакедончување“ на српскиот јазичен материјал, како што е на пример неправилната примена на плуралија тантумот кај глаголот „чкрипи“, во песната „Сеќавање“, а и многу други.
Според Фируз Демир, (Види: „Ацо Шопов − роден и животно обусловен да биде македонски револуционерен поет“, Дело 74, бр. 5−6, 1982 г.), напредните младинци од Штип, првпат се сретнале со Рациновите Бели мугри во 1939 година. Тој настан одиграл пресвртничка улога во животот и творештвото на Ацо Шопов, кој од тоа време почнува да пишува и на мајчиниот македонски јазик.¹ Меѓутоа, помеѓу најраните песни со кои ние располагаме, не најдовме ниту една песна напишана на македонски јазик. Најверојатно е дека тие првични обиди на младиот поет не ја надживеале својата илегална судбина. Од друга страна, лишено е од најелементарна логика секое очекување да се најде песна на македонски меѓу ракописите што Шопов ги презентирал пред литературната дружина, која во тоа време претставувала легална форма за книжевна активност на младите гимназиски литерати.
За делувањето и организационата поставеност на литературната дружина „Напредак“ при штипската реална гимназија, во која членувал и младиот Ацо Шопов, исцрпни податоци добивме од Александар Апостолов, факултетски професор по историја во пензија. За време на разговорот што со него го водевме на 22 февруари 1985 год., професорот Апостолов изнесе дека дружината била формирана не порано од 1939 год. Дружината имала своја редакција, во која се избирале истакнатите литерати од повисоките класови на гимназијата. Редакцијата, покрај организационите задачи, вршела и селекција на творбите што се читале на литературните средби, редовно одржувани еднаш неделно. Школските власти не се мешале во работата на дружината, но еден вид надзор бил обезбеден преку пасивното присуство на некој од гимназиските професори на секоја литературна средба. На таков начин била исклучена можноста некој од членовите на дружината да прочита творба напишана на македонски јазик. Професорот Апостолов, за време на споменатиот разговор, ни говореше за ригорозните мерки што гимназиските власти ги применувале дури и кон оние ученици кои ќе биле чуени да говорат македонски и вон училишните клупи. Покрај официјалните мерки во вид на доделување слаби оцени по поведение, укори и исклучувања од гимназијата, некои од професорите, како Милан Бојчевиќ, кој предавал српски јазик, воделе своја сопствена казнена политика. Последниов за секој изговорен македонски збор ги казнувал учениците со по два тогашни динари!
Во времето кога Ацо Шопов бил ученик на штипската реална гимназија (1937-1941 г.), наставата по српски јазик ја воделе двајца професори: Beќе спомнатиот Милан Бојчевиќ, кој бил шовинист и реакционер, и Божидар Миличевиќ, човек со либерални, понапредни сфаќања.² Професорот Миличевиќ му предавал на Шопов, и тоа била среќна околност за младиот поет, бидејќи тој, според кажувањата на Блаже Ристовски и Фируз Демир во споменатите текстови, ја поттикнувал неговата поетска активност.
Помеѓу најраните песни на Ацо Шопов што ги поместивме во оваа книга, досега беше познат само насловот на една од нив. Тоа е песната „Стани сине родината вика“, која што младиот Шопов ја читал на гимназиската приредба организирана на Видовден 1940 год.³ Од разговорот со поетовиот тетин Стојан Санев, воден во Штип на 20 декември 1984 г., дознавме дека на една од тие училишни приредби Шопов читал и песна посветена на неговата мајка Коцка. Стојан Санев не можеше да се сети на насловот и содржината на песната, но сигурно е дека станува збор за една од следните четири песни: „Мајка“, „Сеќавање“, „Разговор со мајка“ и „Пролетен разговор“. Овој податок е значаен во онаа мера во која говори за присуството на гимназијалецот Ацо Шопов во литературниот живот на предвоениот тип.
Најголемиот дел од песните што се пред нас претставуваат експресионистички поетски објави во кои преовладуваат темни валери и песимистички тонови. На прв поглед се чини несфатлив таквиот тмурен животен и поетски светоглед на момче кое штотуку зачекорува во океанот на животот. Но ако се разгрнат стиховите иако одблиску се погледне животниот фон на тие стихови и судбината на нашиот поет од тие денови, нештата веднаш стануваат појасни. Детството на Ацо Шопов е лишено и од најелементарните радости и игри. И како што воинствените соседи ја освојуваа и черечеа неговата земја, така и суровата животна судбина го газеше и пустошеше неговото семејство. Поетовата мајка Коцка, учителка и поетеса, не можела ни да сонува некакво вработување, бидејќи школските власти ја жигосале како „бугарофил“. И таа, и поетовиот татко Ѓорѓи, кој бил берберин, уште кон средината на четвртата деценија (1934-1935 г.) заболуваат, а со тоа изворите за егзистенција речиси целосно пресушиле. Поради тешката сиромаштија и болеста, неговите родители не биле во можност да ја платат вообичаената училишна такса, па така, Ацо, иако одличен ученик, морал двапати да учи четврто одделение. Школската година веќе била почната кога од Кочани во Штип допатувала поетовата тетка Стојка Санева, чијшто сопруг Стојан Санев бил на служба во Кочани како поп, па таа, откако видела дека внукот по вторпат го учи истото одделение, ја платила таксата. А во 1940 год., како петтокласник во штипската реална гимназија, Ацо бил единственото штипско дете кое живеело во интернатот на гимназијата, заедно со децата од околните места и градови.⁴ Овие штури животни податоци од биографијата на Ацо Шопов, ги осветлуваат причините за темните валери и песимистичките тонови во најраните песни на младиот поет. Во една од песните, со длабок и скоро непојмлив трагизам, тој ќе ги напише следните стихови:
Живот − тоа е чаша на ужас и гнев,
Од која сал смртта ќе те спаси.
Од никаде искра душа да ти згрее.
(„На другарот Ал. Апостоловиќ“)
Поради бројот на песните содржани во неа, тетратката за писмени состави зазема централно место помеѓу најраните песни на Ацо Шопов. Треба да одбележиме дека нејзиното насловување не соодветствува со нејзината содржина. Сигурно е дека оваа тетратка првично била наменета за „писмени состави“, за што ни говори поместувањето на двата куси раскази на нејзините почетни страници, но набрзо потоа Ацо извршил „пренаменување“ и тетратката ја користел исклучиво за пишување на песни. Во неа, како и меѓу останатите песни од овој најран период, сретнавме три песни, од кои може да се согледа сета упорност на школските власти во индоктринирањето на младите Македонци со „вредности“ на тогашната денационализаторска идеологија. Но, исто така е очигледно дека Ацо, и покрај тоа што бил на четиринаесет, петнаесет и шеснаесет години, готово сирак крај живи, но болни родители, успевал да изнајде сили и да ѝ пружи отпор на вешто организираната индоктринација, чувајќи ги своите песни за сопствената инспирација и за мотиви конзистентни со неговото младешко кредо. Само во три песни младиот Ацо издвоил по еден стих за „братството“ на трите тогаш официјално признати народи, а во сите други го следи својот автономен поетски свет, слободен од влијанието на завојувачката денационализаторска идеологија. Тие песни не ги преведовме, но свесни сме за тоа дека и такви какви што се, претставуваат болно сведоштво за историскиот трагизам на македонскиот народ, за времените заблуди и концесии, но и за неговата безгранична сила, по долготрајната Голгота, да се избори за себе и за својата самобитност.
Една книжевна „полемика“ во 1940 година
Како што веќе напишавме, литературната дружина „Напредак“ претставувала трибина на која штиските гимназијалци слободно ги вкрстувале идеите по одредени книжевни и културни прашања. На таа трибина, помеѓу другото, во 1940 година се водела широка и продлабочена дебата за филозофскиот придонес на Истокот и Западот⁵, што говори и за доблестите на ова културно жариште во тие предвоени години. Во еден таков духовно разбрануван амбиент, било природно, секоја прочитана творба да предизвика најразновидни реакции помеѓу членовите на дружината. Состаноците се претворале во вистински дебати за прочитаните творби⁶. Тие дебати често продолжувале да се водат и на штипските сокаци, како и за време на одморите помеѓу два училишни часа.
Во една таква творечка клима создадена околу литературната дружина „Напредак“, започнала и своевидната книжевна „полемика“ меѓу Александар Апостолов и Ацо Шопов. Интересно е да се одбележи дека оваа „полемика“ се водела исклучиво со користење на поетски средства, по пат на разменување песни што во себе содржеле конфронтирани ставови. Поводот за отворање на „полемиката“ била една од оние, веќе спомнати песни на младиот Шопов, во кои преовладуваат тмурни тонови.
Првиот знак што укажуваше на „полемиката“ го најдовме меѓу најраните песни на Ацо Шопов, во песната „На другарот Ал. Апостоловиќ“ − по повод неговата песна „На помладиот другар песимист“. Веднаш беше јасно дека Александар Aпостоловиќ ја напишал песната „На помладиот другар песимист“, предизвикан од некоја друга песна на младиот Александар Шоповиќ! За време на разговорот од 22. II. 1985 година, Александар Апостолов се обиде да изврши „реконструкција“ на околностите под кои се одвивала „полемиката“. Тој ни изнесе дека на еден состанок на литературната дружина „Напредак“, во учебната 1939/1940, Ацо Шопов прочитал некоја песимистички интонирана песна, на чијшто наслов не можеше да се сети. Но откако ги разгледавме сите најрани песни на Шопов со таква интонација, Александар Апостолов посочи неколку, од кои една најверојатно ја предизвикала неговата реакција и пишувањето на песната „На помладиот другар песимист“. Тоа се песните „Мајка“, „Сеќавање“, „Разговор со мајка“, „Пролетен разговор“, „Војник“ и „Лавров венец“. Песната „На помладиот другар песимист“ не е сочувана, но со оглед на тоа дека била прочитана пред литературната дружина, можеби се наоѓа во Архивот на град Штип, во склоп на материјалите на л.д. „Напредак“ и фондот на штипската реална гимназија.⁷ Но да се вратиме кон сеќавањата на А. Апостолов. Неговата песна претставувала обид, на помладиот другар да му укаже дека на животот треба да гледаат бодро и со младешки елан, и дека песимизмот како животен став не води никаде.⁸ Но очебијно е дека Ацо Шопов не ги прифатил аргументите на Александар Апостолов, што јасно се согледува од песната „На другарот Ал. Апостоловиќ“, единствената сочувана меѓу најмалку три песни напишани во оваа своевидна книжевна „полемика“ од 1940 година. Ние сега ги знаеме причините за темните валери и песимистичките тонови во песните на Ацо Шопов од тој најран период на неговото творештво. Но за тоа oпширно говоревме во првата половина од овој текст, оттука нема потреба тие факти да ги повторуваме и на ова место. Но, да го завршиме нашето излагање со првите четири стиха од песната„На другарот Ал. Апостоловиќ“, од кои искрат темните лачи на младешкиот очај:
Како во животот да сетам милина,
(Бидејќи велиш оти еведар, убав и бодар)
Кога пред себе среќавам сал ужас и стравотија,
А среќата уште не сум ја ни сонил.
Кон преводот на најраните песни од Ацо Шопов
При преведувањето на најраните песни од Ацо Шопов, напишани во периодот од 1937 до 1940 година, кога поетот бил на возраст помеѓу четиринаесет и седумнаесет години, како основно се наложи прашањето: Дали да си дозволиме превод ослободен од оригиналот, или пак строго да водиме сметка за автентичноста на преведуваниот стих со неговиот оригинал? Оваа дилема не би претставувала некој поголем товар за совеста на преведувачот, кога во прашање би бил современик или класик кој не ѝ припаѓа на македонската книжевна голгота низ историјата, бидејќи во тој случај, автентичноста или неавтентичноста на преводот, би била исклучиво една естетска дилема.
Но кога се нафаќаме да преведеме поетски објави на поет кој од историски причини тие објави ги соопштувал на туѓ јазик, сметаме дека притоа треба да се води сметка за следното: Прво, тие објави имаат книжевна, но и книжевно-историска вредност; Второ, тие објави имаат значење за проучување на најраната фаза во творечката врвица на поетот. Во тој случај, прашањето за карактерот на преводот се заострува насочувајќи се кон барањето за што поголема автентичност. Отстапките си ги дозволувавме, пред сè, поради потребата и таквата строга автентичност на преводот, при читањето да предизвика естетско доживување и возбуда блиска на оригиналниот текст. Некои остапки се направени во поглед на римите и нивното структурирање, а некаде, сосема ретко, си дозволивме послободно препејување на одделни стихови. Сепак, грижата што поголема автентичност на преводот, секогаш беше во прв план. На ум постојано ја имавме мислата дека преводот не треба да излезе од рамките на најраните, младешки песни на нашиот поет.
_____________________
1) Види: Блаже Ристовски: Пројави и профили, книга 2, стр. 335-336.
2) Од разговорот со А. Апостолов, воден на 22. II. 1985 г.
3) Ф. Демир: Ацо Шопов − роден и животно обусловен да биде македонски револуционерен поет, Дело 74, бр. 5−6, 1982 г.
4) А. Апостолов, од разговорот воден со него на 22. II. 1985 година.
5) Б. Ристовски, Македонскиот стих, книга 2, стр. 155.
6) А. Апостолов, во разговорот воден со него на 22. II. 1985 година.
7) Водич на Архивот на град Штип, фонд бр. 21 − Штипска реална гимназија, стр. 75.
8) Во тоа време, 1939-1940 г., Ацо Шопов бил петокласник, а Александар Апостолов бил осмокласник.
_____________________
*Текстот е објавен во Дело 74, год. XII, бр. 5−6, 1985, стр. 438−454
** Прочитајте го и текстот на Трајко Донев „Нови сознанија за Ацо Шопов и работата на литературната дружина во штипската гимназија“ напишан по повод овој текст и објавен во Дело 74, год. XIII, бр. 1−2, 1986, стр. 73-80.