На Први Мај

Нека
затрубат труби
за борба,
да фркне земја
од крај –
до крај,
и се разведрат
смрачена чела
на –
широк,
светел –
Први Мај!

Нека распукнат
брони –
ладни плочи,
нека се стресе
наежен роб,
нека прогледнат
заспани очи –
от виран куќи –
куќи…
… от изби – гроб

Нека се сопат
гради
от борба
по цела  земја
од крај –
до крај
на силен,
светел –
Први Мај!

Еј, нека ступкаат
срца младешки,
еј, нека светне
нож разигран,
денот на Трудот
да се преметне
во непрегледен,
разбеснеан –
народен фронт
и океан!

Ацо Шопов, Историски музеј на Македонија, Скопје, Оддел НОБ, бр. 2146: машинопис од две страни на кои е и песната „Последното Ванчово писмо до мајка му” (варијанта на „Претсмртно писмо на еден партизан”) – непотпишани.
Песната е објавена во написот на Блаже Ристовски: „Кон проучувањето на почетниот период од творештвото на Ацо Шопов”, 1980.
Прочитајте други Необјавени песни од Ацо Шопов

Вратете се во поетскaтa одаја на Читалницата во Лирскиот дом  на Ацо Шопов