Разделба

Не, и ако отидеш кога узреат маслините
и од глувото пристаниште првиот кораб крене,
ако сетиш некогаш во бурјанот на годините
како сè исчезнува и полека вене,

Не, тоа не ќe биде обично разделување
и една младост попусто измината,
разделбата ќе прилега на цврсто прегрнување
на некој превој непознат далеку во иднината.

Ацо ШоповСлеј се со тишината, 1955