2 3 4 5 6 7 8 Ацо Шопов, Јус-универзум, 1968 Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.Јус-миткање
1
Сакана жено, жено на Југославија,
не случајно ти се јавувам касно:
откако Твојот Ден сите го прославија
ред е насамо да поразговараме отворено и јасно.
Си признавам: црвенеам од немош и срам,
збунет сум пред твоите неразумни мени,
не знам дали да те ословам со леди или со мадам
или со превртливка како и другите жени.
Дење си загатлива како Мона Лиза,
го чуваш љубоморно својот природен дар,
а ноќе те гледам на стота реприза
со улога на зајачица во некој бар.
Каде сѐ не си и што сѐ не си,
ти имаш универзален стаж,
ти си работничка, учителка, домаќинка со деца
и љубовница на својот маж.
За тебе секој нешто убаво може да каже,
сите се загрижени за твоите права,
но прости, сето тоа мене ми личи на јаже
за пристегање на твојата глава.
Официјално – ти си светилник со ореол,
а приватно – маченце во беби-дол.
Не можел да претпостави ниту пак слутел
ни најзакоравениот буржуј
дека ќe седиш во собата на Некој Си Луј.
Пред тебе клечам како голтар
што ти се заканува со ковчести прсти:
престани да бидеш црква без олтар
во која секој ќе се крсти.
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.14, 22.III.1967, стр.12